ДРВОТО ЌЕ БИДЕ ЗАДОЛЖИТЕЛЕН ГРАДЕЖЕН МАТЕРИЈАЛ ВО ФРАНЦИЈА, А ЌЕ СЕ ГРАДАТ И 100 УРБАНИ ФАРМИ

Париз, (Дезин)

Француската влада најави донесување закон за одржливост кој ќе обезбеди сите нови јавни згради да се градат со најмалку 50% дрво или други природни материјали. Мерките ќе стапат на сила во 2022 година и ќе се однесуваат на сите згради чија изградба ќе ја финансира државата.

Дрвото и биолошките материјали, кои се направени од материја добиена од живи организми, оставаат значително помалку јаглеродни траги во околината од вообичаените градежни материјали, како бетон и челик.

Министерот за урбанизам и домување Жилиен Денорманди вели дека за овој закон бил инспириран од изградбата на објектите за Олимписките игри 2024 во Париз. Притоа, секоја зграда повисока од осум катови мора да биде изградена целосно од дрво.

„Дадовме вакви ветувања за Олимписките игри. Не гледам причина зошто тоа не би се применувало и во секојдневното градежништво“, вели Денорманди.

Француската влада исто така ќе инвестира 20 милиони евра во изградба на 100 урбани фарми во градски предградија. Целта е тие да се направат позелени и да се овозможи одгледување локални производи.