ПЕРТ МУ ОДДАДЕ ПОЧИТ НА ПОКОЈНИОТ ПЕЈАЧ НА „ЕЈ-СИ/ДИ-СИ“ СО 10-КИЛОМЕТАРСКА СВИРКА

Перт, (Гардијан)

Околу 150.000 луѓе се собраа на автопат во Перт за да му оддадат почит на Бон Скот, легендарниот фронтмен на хард рок бендот „Еј-Си/Ди-Си“.

Точно 40 години по смртта на Скот, еден од клучните автопатишта во земјата стана „автопат за пеколот“, откако фановите се наредија долж него за да ги слушаат бендовите кои качени на камиони ги свиреа класиците на „Еј-Си/Ди-Си“. Осумте бендови го претворија автопатот во 10-километарска концертна бина, свирејќи непрекинато на камионите.

„Нека биде рок!“, извика премиерот на сојузната држава Западна Австралија Марк Мекгоуан, прогласувајќи го настанот за отворен.

И самиот носејќи маица на „Еј-Си/Ди-Си“, Мекгоуан кажа дека настанот го вратил во младоста.

„Ова е еден од оние уникатни настани што историјата ќе ги памети“, додаде тој.

Бон Скот сними шест албуми со „Еј-Си/Ди-Си“, пред да почине на 19 февруари 1980 на 33 години.