КОРОНАВИРУСОТ ЈА МЕНУВА СОЦИЈАЛНАТА ИНТЕРАКЦИЈА – РАКУВАЊЕ, БАКНУВАЊЕ И ГУШКАЊЕ ВЕЌЕ НЕ СЕ ПОЖЕЛНИ

Лондон, (Гардијан)

Кога германската канцеларка Ангела Меркел му подаде рака на министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер на состанок вчера, тој избегна ракување и само ѝ мавна со раката.

Пред појавата на коронавирусот ваков гест би се сметал за некултурен, но откако бројката заразени во Германија се зголеми на 150, Меркел само се насмеа и кажа дека „тој постапил исправно“.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер избегна да се ракува со Меркел (Фото: Гети)

Коронавирусот ја менува социјалната интеракција, особено во западниот свет. Ракување, бакнување во образ, гушкање, сите овие секојдневни начини на поздравување веќе не се така добредојдени.

Анџело Борели, специјалниот комесар за борба против коронавирусот во Италија, им сугерираше на Италијанците, познати по својот темперамент, „да бидат помалку нападни“, додека францускиот министер за здравство Оливје Веран им порача на луѓето да се воздржуваат од гушкање и бакнување.

За тоа време, редовното одржување хигиена останува клучна порака.

„Науката вели дека ракувањето е одвратно“, вели Ники Милнер, директорка на универзитетот Англија Раскин.

Побезбедни начини на поздравување од ракувањето, според Светската здравствена организација

Таа посочува дека на нашите раце носиме 3.200 бактерии од 150 различни видови и во просек, луѓето во текот на животот се ракуваат 15.000 пати. Со класичното ракување се пренесуваат пет пати повеќе бактерии отколку со краток поздрав со тупаници или дланки.

Силви Бренд, директорката за пандемски болести во Светската здравствена организација, вели дека има побезбедни начини на поздравување од ракувањето, како удирање со лакоти, мавтање со рака или јапонското спојување на дланките како при молитва.