Со портокалови светла во Собранието и со портокалови беџови во форма на срце македонските пратенци и министри вечерва се вклучија во глобалната кампња „16 дена активизам против родово насилство“. Оваа кампања се оддржува секоја година, а почна денес на Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, и завршува на 10 декември кога е Меѓународниот ден на човековите права.
„Собранието е вистинското место каде треба да се биде денеска, бидејќи тоа не е само дом на граѓаните и храм на демократијата, туку и институција од која очекуваме да направи голем исчекор напред во однос на потребата за елиминација на насилството врз жените, по пат на брза ратификација на Истанбулската конвенција“, рече Луиза Винтон, постојната координаторка на ОН во земјава.
Во Македонија секоја трета жена е жртва на физичко или сексуално насилство, а половина од жените биле изложени на сексуално вознемирување. Тоа се и просечните бројки на глобално ниво. Истражувањето спроведено од УНДП покажува дека од 26 жени кои биле убиени во Македонија во периодот од 2013 и 2016 година, 19 се убиени од нивните сопрузи, момчиња или интимни партнери.
Со кампањата „16 дена активизам против родово насилство“ треба да се подигне свеста и да се поттикне преземање конкретни чекори да се стави крај на насилството врз жените и девојчињата ширум светот. Во чест на кампањата холандската и американската амабасада се обоени портокалово, како и во наредните 15 дена.