Во Македонија денеска е потврден прв смртен случај од КОВИД-10, додека бројката заразени надмина 100. Од вечерва, на сила стапуваат уште поригорозни рестриктивни мерки, со цел да се спречи натамошно ескалирање на кризата.
- Педесет и седумгодишна жена од Куманово е прва жртва на коронавирусот во Македонија. Таа претходно имала два негативни теста, но сепак била ставена во изолација и дури откако синоќа починала по нагло влошување на состојбата било утврдено дека е позитивна на коронавирус.
- Во земјата има 29 нови случаи на коронавирус, со што вкупната бројка порасна на 115, од кои првата пациентка е излекувана.
- Скопје е ново жариште на коронавирусот во земјата со 22 нови случаи, а вкупно 65. Следуваат Дебар со 36, Штип со седум, Кавадарци и Охрид со по два и Гостивар и Куманово со по еден.
- Според податоците на Институтот за јавно здравје, просечната возраст на заразените во земјата е 46 години, при што најмладиот пациент има четири години, а највозрасниот 87.
- Во Македонија од вечерва ќе се применува целосна забрана за движење од 21 до шест часот.
- За прекршителите на оваа мерка е предвидена затворска казна до една година, а за правно лице до 30 милиони денари (490.000 евра).
- Министерот за здравство Венко Филипче најави воведување нови мерки со кои би се ограничило движењето на лицата до 18 и над 65 години.
- На светско ниво, има над 315.000 заразени и над 13.600 починати.