Оваа година нема да има ни Европско првенство во фудбал, ни Олимписки игри, кои се одложуваат за првпат во нивната историја.
Организаторите на Олимписките и Параолимписките игри во Токио се согласија тие да бидат одложени за една година поради пандемијата на коронавирусот, откако иста одлука претходно беше донесена и за Европското фудбалско првенство.
Во 124-годишната историја, Олимпијадата била откажана во 1916, 1940 и 1944 година во времето на светските војни и сега за првпат, таа е поместена во непарна година.
Иако ќе се одржат во 2021, Игрите ќе продолжат да го носат името „Олимписки и Параолимписки игри Токио 2020“, а олимпискиот пламен ќе остане во Јапонија како „носител на надеж за светот во овие проблематични времиња“, кажаа организаторите, кои инсистираат новиот термин да биде најдоцна во лето следната година.
„Пламенот во меѓувреме ќе биде складиран и изложен во Фукушима“, изјави шефот на Организацискиот комитет Јоширо Мори.
Инвестициската банка „Голдман Сакс“ процени дека Јапонија ќе изгуби 4,5 милијарди долари поради одложувањето на Олимпијадата. Земјата вложи 12 милијарди долари во подготовките.