Данска делумно ги отвори образовните установи среде пандемијата на коронавирусот, што предизвика гнев кај некои родители, додека Обединетите нации повика на постепено и внимателно враќање во нормален живот.
По еден месец пауза, премиерката Мете Фредериксен дозволи повторно да се отворат јаслите, градинките и основните училишта, но само за децата до петто одделение, сметајќи дека тоа ќе им овозможи на родителите да се вратат на работа.
„Импресионирана сум. Децата се пресреќни што повторно си ги гледаат другарите“, изјави таа.
Сепак, некои родители одбија да ги пуштат децата на училиште, а над 40.000 луѓе ја поддржаа петицијата на Фејсбук „Моето дете нема да биде заморче“.
Наставата ќе се одвива под строги правила: постојано миење раце, растојание меѓу клупите од два метра, мали групи на ученици во клас и, ако има можност, што повеќе настава на отворено.
Данска почна да ги олеснува ограничувањата додека има речиси 7.000 случаи на зараза и 309 починати од КОВИД-19.
По Данска, и Норвешка најави дека следната недела ќе почне да ги отвора училиштата.