Гувернерот на Калифорнија Гевин Њусом нареди затворање на сите плажи и јавни паркови откако изминатиот викенд луѓето нагрнаа на крајбрежјето, и покрај мерката за социјално дистанцирање воведена за да се запре ширењето на коронавирусот.
„Откако изминатиот викенд видовме снимки на преполни плажи, спротивно на наредбата да се седи дома, гувернерот Њусом објави дека од 1 мај сите плажи и јавни паркови ќе бидат затворени“, стои во меморандумот испратен од канцеларијата на Њусом.
Повеќето паркови, локални плажи и пешачки патеки во Калифорнија се затворени веќе со недели, но Њусом одлучил дополнително да ја заостри оваа мерка откако минатиот викенд 80.000 луѓе се собрале во Њупорт Бич, јужно од Лос Анџелес. Градските власти на Њупорт Бич претходно го одбија планот за затворање на плажите и за наредните три викенди.
Калифорнија се ближи кон 50.000 случаи на коронавирус, додека досега починале околу 2.000 луѓе.