МАРЕЈ ГО ОСВОИ ПРВИОТ ВИРТУЕЛЕН ТЕНИСКИ ТУРНИР, ПА ГИ ДОНИРАШЕ ОСВОЕНИТЕ 45.000 ДОЛАРИ

Мадрид, (Дејли мејл)

Енди Мареј ја освои првата виртуелна тениска титула откако во финалниот меч на Отвореното првенство на Мадрид го совлада Давид Гофан со 7:6 за 33 минути игра.

Иако во реалниот живот имаше доста проблеми со повреди во изминатиот период, што дури размислуваше за крај на кариерата, Мареј се врати на победничките патеки на виртуелен начин и во еден ден на својот „плејстејшн“ ги совлада Диего Шварцман и Гофан. Тој ја воодушеви јавноста откако објави дека ќе ја донира целата освоена награда од 45.000 долари: по половина за Британската здравствена служба и Фондот за помош на тенисери.

„Беше убаво, уживав. Во ова време и не можеме многу да правиме. Поголемиот дел од деновите ги поминуваме во затворено, па ова беше многу забавно“, изјави Мареј.

Првиот вистински професионален тениски турнир во ерата на КОВИД-19 ќе почне денеска во германскиот град Кобленц. Четиридневниот турнир Тенис поинт ќе се игра без публика, линиски судии, собирачи на топчиња и ракувања, но ќе се пренесува на телевизија.