Банкси им оддаде почит на здравствените работници со последното уметничко дело, графит насловен „Game Changer“, кој се појави во Општата болница во Саутемптон.
Мистериозниот уметник оставил и порака до медицинските лица кои се на првата линија на борбата со коронавирусот, во која вели: „Благодарност за сѐ што правите. Се надевам дека ова дело малку ќе го осветли местото, иако е црно-бело“.
Делото прикажува момче кое си игра со играчка во форма на медицинска сестра-суперхероина, додека фигурите на Бетмен и Супермен се поставени во корпа за отпад. Медицинската сестра носи заштитна маска и бела престилка, а нејзината рака е подигната како да лета.
Портпаролот на Банкси потврди дека делото во иднина ќе биде поставено на јавно место и ќе се даде на аукција за да се соберат пари за здравствени хуманитарни организации.