Владата донесе одлука за враќање на полицискиот час, откако само една недела по укинувањето на најголемиот дел од рестриктивните мерки денеска има повеќе од 100 новозаразени со коронавирус.
- КОВИД-19 однесе уште четири животи во Македонија: 58-годишен скопјанец, 71-годишен кумановец, 75-годишен пациент од Тетово и 84-годишен жител на Прилеп.
- Вкупната бројка починати со тоа порасна на 145.
- Во изминатите 24 часа се потврдени 101 нов случај на коронавирус (од 974 тестирања), само шест помалку од рекордот забележан на 16 април.
- Дури 59 од новите случаи се во Скопје, па следува Куманово со 12.
- За споредба, во Германија денеска има 123 новозаразени, во Холандија 86, во Белгија 70, а во Швајцарија само 19.
- Од досега заразените 2.492 лица, 742 се активни случаи, а оздравеле 1.605.
- Владата воведе целосна забрана за движење за Скопје, Куманово, Штип, Тетово, Липково, Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, што ќе почне утре во 21 часот и ќе трае до понеделник во пет часот.
- Во останатиот дел на земјата, полицискиот час ќе биде скратен: утре ќе почне во 21 часот и ќе заврши наредниот ден во пет часот, додека в петок, сабота и недела ќе биде на сила од 16 до пет часот.