„Налепница“, по сценарио и режија на Георги М. Унковски, доби награда за најдобар краток филм на Филмскиот фестивал во Бруклин, соопшти Агенцијата за филм. Овој филм имаше премиера на годинашниот Санденс и доби престижна награда во Словачка.
„Налепница” ќе биде прикажан и на претстојното издание на фестивалот на кратки филмови ИнтернаБонал во Палм Спрингс (САД), што ќе се одржи од 16 до 22 јуни.
„Во снимањето филмови најчесто се инспирирам од Македонија, од Скопје, градот кој има многу голем контраст во луѓето и во начинот на живеење, како и неверојатна бирократска машинерија. Така што, овој филм е микс на еден вид потрага по среќа и искупување, но е и еден вид социјален коментар на општеството. На крајот, филмот е за љубовта помеѓу татко и ќерка“, вели Унковски.
Во продукција на „Синема футура“, филмот се снимал шест дена на повеќе локации низ Скопје. Главната улога ја игра Сашко Коцев, а во екипата се и Мони Дамевски, Џевдет Јашари, Љупчо Тодоровски-Упа, Соња Стамболџиоска, Димитрија Доксевски, Калина Димитриовска, Анастасија Аневска и Матеј Настевски.