Претставите на Бродвеј нема да се вратат оваа година поради кризата со коронавирусот. Иако засега нема точен датум кога тие би можеле да продолжат, продуцентите нудат поврат на парите за сите претстави до 3 јануари.
Сите 41 сала во славниот њујоршки театарски центар се затворени од март, кога градот влезе во карантин за да се спречи ширењето на коронавирусот.
„Алхемијата на 1.000 странци поврзани во единствена публика која му дава поттик на секој изведувач на сцената ќе биде можна повторно дури кога бродвејските театри ќе можат безбедно да бидат полни. Ќе се вратиме на сцена дури кога тоа ќе биде безбедно“, изјави Томас Шумахер, претседател на бордот на Бродвејската лига.
Сите активности на Бродвеј беа прекинати на 12 март, кога на репертоарот беа 31 претстава. Бродвеј е една од најголемите атракции на Њујорк и Бродвејската лига придонесла со 14,7 милијарди долари во економијата на градот во сезоната 2018/19. Таа поддржува 96.900 работни места.