ЗОРИЦА ЗАЕВА НА МОДНА РЕВИЈА ЗА ПОДДРШКА НА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Струмица, (Смарт СДК.МК)

Сите живееме под исто небо и сите сме исти. Ова е пораката што ја упатија децата со посебни потреби на модната ревија што ја организираше Здружението за помош и подршка на лицата со Даунов синдром „Вера“ од Струмица. На модната писта во клубот „Индустријал“ со насмевки на лицето поминаа Верче, Дејан, Азал, Ева, Максим, Лиза, Бурчин, Јован, Матилда, Иван, Ана Марија и Цако, кои во повеќе модели блеснаа како манекени и манекенки, придружувани од јавни личности. Нивната среќа беше неизмерна што станаа звезди за кусо време и се дружеа со пејачи, актери, политичари, новинари, меѓу кои и Зорица Заева, сопругата на премиерот Зоран Заев.

„Убави сме, свои сме. Конечно ни се исполни сонот да станеме популарни. Веруваме дека и во иднина сите погледи ќе бидат свртени кон нас, оти сакаме и понатаму да бидеме ѕвезди“, кажаа срамежливо младите манекени и манекенки.

Организаторката од Здружението за помош и подршка на лицата со Даунов синдром Анче Николова – Туфекчиева вети дека ова манифестација ќе стане традиционална. – Пејачката Ленче Кукиќ со манекените (Фото: В. Трајков СДК.МК)

На модната ревија „Убави сме, свои сме“ учествуваа  15-тина деца со посебни потреби од Струмица и други градови од земјава. Сите тие беа  придружувани од јавни личности со чија помош  поминуваа на модната писта претставувајки ги своите креации и секој на свој начин ја пренесуваше пораката дека и тие се дел од ова заедница. На модната ревија зачекори и Цако, момче со Даунов синдром, заедно со Зорица Заева. Двајцата беа облечени во црно бела комбинација

„Верувам дека посетителите не дојдоа за Заева и останатите јавни личности туку за овие мали ангели чиј сон им се исполни да бидат ѕвезди, ангели кои имаат многу поголема и почиста љубов од сите нас во нивните срца. Јас еднаш реков и сега ќе потенцирам, наше е да ги прифатиме и да им подадеме рака бидејки сите живееме под исто небо“, кусо ни кажа Заева додека Цако преку своите стихови упати апел дека и овие деца знаат да  творат и да бидат корисни во општеството.

Модната ревија на која што учествуваа 15-тина деца со посебни потреби ја организираше Здружението за помош и подршка на лицата со Даунов синдром „Вера“ од Струмица. (Фото: В. Трајков, СДК.МК)

Клубот „Индустријал“ беше претесен за сите посетители кои плаќаа влезница за да ги видат децата со посебни потреби како манекени. Организаторката од Здружението за помош и подршка на лицата со Даунов синдром Анче Николова – Туфекчиева вети дека ова манифестација ќе стане традиционална.

„Мислам дека децата беа среќни. Тоа ни беше најважно. Со оваа модна ревија покажавме дека може свет без различности и дека под ова небо сите сме еднакви“, вели Николова – Туфекчиева од здружението „Вера“.

Децата со посебни потреби како манекени беа придружувани од градоначалниците на Струмица Коста Јаневски и на Валандово Перо Костадинов, пратеникот Костадин Костадинов, советникот и професор Томе Лазаров, естрадните уметници Благица Калева, Ленче Кукиќ, Бранкица Свирков,  новинарите  Ване Трајков и Ѓорги Калајџиев, фоторепортерот Сречко Гунчев, но и од Софија Патрикова, Столе Лазаров и Перо Божинов.

В. ТРАЈКОВ