ОТКАКО ПАНДЕМИЈАТА ГИ РАЗДЕЛИ, НОРВЕШКО-ШВЕДСКА ДВОЈКА СЕ ВЕНЧАШЕ НА ГРАНИЦА

Стокхолм, (Би-Би-Си)

Норвешко-шведска двојка се венчаше на церемонија што се одржа на границата меѓу двете држави, при што гостите стоеја секој во својата земја, согласно ограничувањата воведени поради коронавирусот.

„Не сакавме да чекаме да се укинат рестрикциите. Не сакавме да го менуваме датумот, само сакавме да се венчаме“, изјави двојката.

Гостите беа разделени со бела лента

Иако Шведска полабаво му пристапи на коронавирусот, Норвешка засега не дозволува нејзините граѓани да влегуваат во земјата. Затоа Александер Клерн и Камила Ојорд ги разменија брачните завети среде шума во норвешкиот југоисточен регион Холебек, непосредно до границата со Шведска. Тие беа разделени од некои свои пријатели и роднини со бела лента.

Камила вели дека ја предложила идејата на шега, но сите ја прифатиле.

„Сакавме да бидеме маж и жена. Љубовта победува сѐ“, изјави таа.

На венчавката имаше и двајца непоканети гости: полицајци кои следеа никој да не ја помине лентата.