По пауза од шест години, македонскиот фудбал оваа сезона повторно ќе има претставник во англиската Премиерлига.
Трикратниот шампион Лидс јунајтед денеска му гостува на актуелниот првак Ливерпул во својот прв меч во англиската фудбалска елита по 16 години пауза, а во гостинскиот тим се очекува да биде и Езѓан Алиоски. Дваесет и осумгодишниот Алиоски со тоа ќе стане петти македонски фудбалер во Премиерлигата, по Ѓорѓи Христов (Барнсли, 1997/98), Гоце Седлоски (Шефилд венздеј, 1998), Артим Шаќири (Вест Бромвич, 2004/05) и Горан Попов (Вест Бромвич, 2012-14).
Алиоски, кој е роден во Прилеп, но пораснал во Швајцарија, му се придружи на Лидс во 2017 година и оттогаш е еден од најстандардните играчи. Досега има одиграно 133 натпревари, на кои постигна 19 голови.
Кога Лидс беше на прагот на долгоочекуваниот пласман во Премиерлигата, Алиоски во интервју за весникот „Сан“ се присети како пред седум години сакал да се откаже од фудбалот откако бил отпишан од неговиот матичен клуб Јанг бојс.
„Тогаш бев без клуб и неверојатно е што сега ќе играм во Премиерлигата. Јанг бојс ми кажа дека не сум доволно добар за професионалниот фудбал откако поминав десет години во неговата академија. Бев многу тажен и разочаран. Но, продолжив да тренирам со татко ми и брат ми и, за среќа, Шафхаузен, кој тогаш играше во третата лига, ми даде шанса. Не можев да преживеам од тоа што ми го плаќаше клубот, па мораа родителите да ме поддржуваат“, изјави Алиоски.