НАГРАДАТА „ПЕГАЗ“ ЗА РОМАНИТЕ „ЛАЗАРКА“ И „МРТВИТЕ ЗНААТ НАЈДОБРО“

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Љупчо Петрески со ракописот „Лазарка“ и анонимен автор со „Мртвите знаат најдобро“ се победници на конкурсот за најдобар необјавен роман на годината „ПЕГАЗ“, кој втора година по ред го организираат издавачката куќа „Арс Ламина“ и фондацијата „Славко Јаневски“.

На повикот кој беше отворен во јуни пристигнале 61 ракопис, а делата ги оценувала тричлена комисија составена од: проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, писателот Давор Стојановски (добитник на наградата „Роман на годината“ за 2016) и Бисера Бендевска (уредничка во „Арс Ламина“). Жирито одлучи да се доделат две први места.

„Како што е одредено и во називот на фондацијата ‘Славко Јаневски’, нејзината основна мисија е промоција и унапредување на културните вредности. Во таа смисла, наградата ‘ПЕГАЗ’ за најдобар необјавен роман, што ја доделуваме заедно со ‘Арс Ламина’, зазема значајно место во нашите активности. Заедно со наградата ‘Роман на годината’, ‘ПЕГАЗ’ е логична целина за релативно добро проценување на вредностите во македонската романескна литература“, вели Ѕвездан Георгиевски, извршен директор на фондацијата „Славко Јаневски“.

Наградата „ПЕГАЗ“ се состои од паричен износ од 90.000 денари и објавување на романот во посебна едиција. На минатогодишното, прво издание на „ПЕГАЗ“, за победник беше избран романот „Насон прочитана книга“ од авторката Соња Манџук.