Поранешната ѕвезда на „Дизни“ Мајли Сајрус објави дека ќе снима албум со преработки на „Металика“.
Дваесет и седумгодишната поп пејачка и актерка веќе има преработувано песни од сосема други жанрови, како „Блонди“, „Кренберис“ и „Кјур“, но ова ќе ѝ биде излет во најжестоките музички води досега.
Во новото издание на магазинот „Интервју“, Сајрус кажа дека работи на цела колекција песни на легендарниот метал бенд, но не откри кога тој ќе биде издаден. Таа исто така не кажа кои песни ќе се најдат на тој албум.
„Работиме на албум со преработки на ‘Металика‘. Многу сум среќна што можев да продолжам да работам на уметност во овие тешки времиња. Во почеток не ми одеше, а сега повторно сум силно инспирирана“, изјави Сајрус.
Таа истовремено најави дека нејзиниот седми студиски албум насловен „Пластични срца“ ќе излезе на 27 ноември.