АФРИКАНСКИ СЕРВАЛИ И ИБИСИ ОД ЈУЖНА АМЕРИКА ЌЕ ДОЈДАТ ВО СКОПСКАТА ЗООЛОШКА

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Сервали, африкански предатори од семејството мачки и црвени птици од видот скарлет ибис наскоро ќе стигнат во скопската Зоолошка градина.

„Сервалите главно живеат во субсахарскиот дел на Африка. Нивниот број, за жал, почна да се намалува, а како главна причина за тоа се наведува човекот“, велат од Зоолошката.

Птиците скарлет ибис потекнуваат од егзотичните делови на Јужна Америка и Кариби и се национално обележје на Тринидад и Тобаго. Нивната специфична боја ги прави препознатливи, а во светот имаат статус на заштитен и загрозен вид.

„Овие животни се доста атрактивни за посетителите и мислам дека ќе биде интересно во Скопје да се видат овие заштитени видови. Секако, нивните живеалишта ќе бидат направени по стандарди и веќе ги подготвуваме“, вели директорот Ѓорѓи Галетановски.