Денеска во 12 часот, во Кинотеката ќе биде промовирано ДВД издание со пет дигитално реставрирани македонски играни филмови, на одбележувањето на Светскиот ден на аудиовизуелното наследство.
Изданието ги содржи филмовите „Три Ани“(1959) на Бранко Бауер, „Жед“ (1971) на Димитрие Османли, „Македонски дел од пеколот“ (1971) на Ватрослав Мимица, „Татко (Колнати сме, Ирина) (1973) на Коле Ангеловски и „Хај-фај“ (1987) на Владимир Блажевски.
Филмовите во ова ДВД издание хронолошки се реализирани во распон од 28 години. За разлика од претходните вакви изданија кои го содржат целокупниот опус на авторите (браќата Манаки, Арсениј Јовков, Љубиша Георгиевски, Бранко Гапо, Столе Попов, Милчо Манчевски, Кирил Ценевски), изборот овој пат беше направен преку соработката на Кинотеката со други филмски архиви од некогашна Југославија.
Во Кинотеката од 19 часот ќе се прикажат филмовите „Исчезнувањето на Сузана Арсова“ (1992) на режисерот Борис Дамовски, „Првата Светска војна: Сеќавања“ и „Фотографија 20-20“ на Роберт Јанкуловски и „Македонски дел од пеколот“ на Ватрослав Мимица.