КИТ РИЧАРДС ЈА ПОМИНУВА ГОДИНАТА ВО ГРАДИНА И СО ЏЕГЕР НА ДИСТАНЦА РАБОТИ НА НОВИОТ АЛБУМ НА „РОЛИНГ СТОУНС“

Њујорк, (АП)

Кит Ричардс, неуништливиот гитарист на „Ролинг стоунс“, вели дека годината ја поминува во својата градина и дека ова му е првпат цела година да остане дома.

Тој, Мик Џегер, Чарли Вотс и Рони Вуд завршија дел од турнејата „Без филтер“ во август 2019 и имаа планови да ја продолжат во мај годинава, но работите се сменија откако изби пандемијата на коронавирусот.

„Ја гледам градината како расте, што ми е неверојатно. Обично си одам на пролет и кога ќе се вратам, веќе е есен. Го поминав целото лето восхитувајќи ѝ се на градината, а по малку и самиот работев. Влегов во нормален начин на живот, што за мене е ненормален“, вели 76-годишниот Ричардс.

И додека некои други музичари од неговата генерација се пожалија што не може да настапуваат, Ричардс не е толку загрижен.

„Јас не се чувствувам како да ми е украдена година. Ќе надоместам подоцна. Но, станувам нестрплив, зашто по сите овие години, настапувањето ни е во коски“.

Иако Ричардс моментално е во САД, а Џегер во Европа, двајцата се во контакт и разменуваат текстови за песни за новиот албум на „Ролинг стоунс“.

„Иако сме на дистанца, работиме на албумот. Мислам дека ни е завршен до пола. Не сум видел никого од дечките од лани. Зборуваме, но не сме се виделе, па не можеме да го завршиме албумот“, вели Ричардс.