Десетмина танчари на британската танцова група за лица со попреченост „Ларондина“ од четврток до вторник, по втор пат ќе настапат во Скопје и во Битола. Според агендата, „Ларондина“ ќе настапи в петок во 18 часот во Народниот театар на Битола, а в сабота во 18 часот во ТВ 21 (просторот на поранешното скопско кино „Вардар“ ).
Компанијата „Ларондина“ е основана пред 21 година од Анџелина Алесендре. Таа е поранешна балерина, а пред компанијата, го основала и училиштето за танц на лица со попреченост „Алесендре“.
Танчарите, како и лани, во Скопје ќе дојдат заедно со нивните родители, а настанот го организира Британската амбасада во Скопје. Годинава, нивни партнери во организирање на работилниците и предавањата се Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби и Хелсиншкиот комитет во Скопје.
„Сакаме да покажеме што сѐ можат лицата со посебни потреби, а не што не можат “, вели сопругата на британскиот амбасадор, Вероник Гарет.
Танчарите играат на поп, хип хоп, хитови и на музика која што е популарна за сите видови на возрасти. За време на посетата, покрај претставите најавени се и неколку работилници за правата на лицата со посебни потреби, со акцент на нивните можности, наспроти ограничувањата, во повеќе училишта во Скопје и во Битола.
На работилниците ќе се третираат теми како сексуални и репродуктивни права на лицата со посебни потреби, на нивната вклученост во општеството, а посебен акцент ќе се даде и на односот на родителите на лицата со попреченост.