ДЕЈВИД АТЕНБОРО НАПОЛНИ 95 ГОДИНИ И НАТАМУ НЕУМОРНО СНИМА, ПАТУВА И ГИ ОТКРИВА ЧУДАТА НА ПРИРОДАТА

Лондон, (Индипендент)

Природонаучникот, документарист и британско национално богатство Дејвид Атенборо наполни 95 години, но тоа не ја намалило неговата желба за откривање на чудата на природата, проследено со укажувањата на проблемите со кои се соочува планетата Земја. Иако во десеттата деценија од животот, Атенборо и натаму неуморно снима неверојатни документарци, што низ животот и кариерата го има однесено до најскриените делови на светот. За него се вели дека е човек кој најмногу пропатувал во историјата, со исклучок на астронаутите. 

Атенборо многупати ја обиколил Земјата снимајќи документарци (Фото: Твитер)

Тој почнал да работи за Би-Би-Си откако ја напуштил кралската морнарица и првиот ТВ-ангажман во странство му бил во Сиера Леоне во 1956 година. Оттогаш, многупати ја обиколил Земјата и ги прошетал сите континенти, запознавајќи нови и необични живи суштества, но и сведочел за штетата што ја предизвикал човекот. Во изминатите години, документарците на Атенборо ја шират пораката за спас на планетата и тој беше еден од првите кој предупреди на проблемот со климатските промени.

Вели дека најшокантниот и најтежок момент во кариерата му бил кога првпат отишол да го види Големиот Корален Гребен во Австралија.

Очекував да се нурнам во земја на чудата, а видов гробишта. Бели, мртви корали. И ние бевме одговорни за тоа“.

Атенборо своевремено призна дека никогаш не ги гледа своите емисии на телевизија.

Ако не сум ги прегледал 50 пати пред да излезат, тогаш не сум ја завршил работата добро“, кажа тој.

Ако некогаш посакате да ги изгледате сите негови документарци, ќе ви требаат 45.736 часови.