Градоначалникот на Ротердам, Ахмед Абуталеб, и официјално го отвори 65. издание на Евровизија, кое требаше да се одржи лани, но беше одложено поради пандемијата на коронавирусот.
Организаторите и оваа година се соочија со слични предизвици, но, сепак, дозволија да има публика во ограничен број на финалната вечер на 22 мај, а се одржа и дефилето на учесниците, овојпат на тиркизен, место црвен тепих. Меѓу нив беше и македонскиот претставник Васил Гарванлиев, повторно со круна на главата како и пред две години, кој ќе пее на утрешната прва полуфинална вечер.
Осумнаесетгодишната Дестини од Малта не само што е најмладата учесничка на годинашната Евровизија, покрај Гркинката Стефанија, туку важи и за една од најголемите фаворитки. Друга мала држава за која доста се зборува е Сан Марино поради најавеното гостување на популарниот американски рапер Фло Рајда, кој засега не се појавил во Ротердам.
Високо котира и Французинката со српски корени Барбара Прави, чие вистинско презиме е Пјевик, односно Пјевиќ, додека Белгија го испрати едно од своите најпознати музички имиња, трип хоп бендот „Хуверфоник“, кој пред две години одржа два концерта во Скопје.