Режисерот Коле Манев и монтажерот Спасе Тасевски вчера во дворот на летното кино на Кинотеката ги примија годинашните награди „Златен објектив“. Станува збор за признание на Кинотеката за филмските работници кои придонесле за создавањето, развојот, промовирањето и популаризацијата на македонската кинематографија.
„Манев и Тасевски со голема љубов беа посветени на својата професија. Манев го докажува тоа и со неговиот последен краток игран филм ‘Екоскоп’, реализиран минатата година. А, ниту Тасевски не мирува: сè уште ја подгрева идејата да ја измонтира интегралната верзија на филмот ‘Јад’ (1975) на Кирил Ценевски, каде што бил прв асистент на монтажерот Вангел Лаки Ченчев, во траење од 3,5 часа“, рече Атанас Чупоски, филмолог и советник во Кинотеката.
Заблагодарувајќи се на признанието, Манев рече дека колку што наградите говорат за нивните добитници, толку се споделена вредност со нивните соработници од филмските и телевизиските проекти.
Во чест на лауреатите, во киносалата беше прикажан ТВ-филмот „Мост“ на Манев.