На плоштадот Мајка Тереза пред Националната опера и балет (НОБ) вечерва од 20:30 часот ќе се изведе операта „Аида“, под диригентство на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев.
„’Аида’ е музичко чудо составено од мелодиска убавина и имагинативна оркестрација, накратко триумф на творечката имагинација. Овојпат, поради пандемијата и придружните протоколи, грандиозната ‘Аида’ е конципирана во поинакво руво, во скратена концертна верзија, со мошне внимателен избор на оркестарски и солистички фрагменти, без да се нарушува главната нишка на содржинскиот набој“, вели НОБ.
Настапуваат солистите Благица Поп Томова, Зоран Сотиров, Даниела Дјакова од Бугарија, Игор Дурловски, Владимир Саздовски, Марјан Јованоски и Александра Лазаревска-Василевски, како и Хорот и Оркестарот.
Билетите се во строго ограничен број и задолжително е носење заштитна маска. Во случај на лоши временски услови, можна е промена на датумот на одржувањето на претставата.