НИКОЛА ЈОКИЌ ВЛЕЗЕ ВО НБА КАКО 41. ИЗБОР НА ДРАФТОТ, А СЕГА Е БРОЈ ЕДЕН

Денвер, (АП)

Никола Јокиќ беше избран како 41. пик на драфтот кога влезе во НБА пред седум години, а сега е број еден.

Српскиот центар на Денвер Нагетс вчера беше прогласен за најкорисен играч во НБА во сезоната 2020/21, станувајќи најнискорангираниот избор на драфтот кој ја освоил оваа престижна награда, што го става рамо до рамо со најголемите кошаркари во историјата.

„Да бидам искрен, никогаш не ни мислев дека ќе играм во НБА. Кога почнував да играм, мојата цел беше Евролигата, зашто таа беше најблиската врвна лига до мојата земја“, изјави 26-годишниот сомборец, кој речиси едногласно беше избран за МВП.

Тој оваа сезона не пропушти ниеден натпревар од регуларниот дел и имаше просек од 26,4 поени, 10,8 скокови и 8,3 асистенции. Денвер на крајот заврши како трет во Западната конференција.

Јокиќ, кој во САД стигна преку белградскиот клуб Мега визура, каде што и ја почна професионалната кариера, е првиот играч на Денвер избран за МВП и само петти странец во историјата на НБА, по Хаким Олајџувон (Нигерија), Стив Неш (Канада), Дирк Новицки (Германија) и Јанис Адетокунбо (Грција).

„Ова е големо постигнување, но би сакал да кажам дека не сум само јас. Во изминатите шест години напредував заедно со организацијата, тренерскиот тим и соиграчите. Ова не би можел сам да го постигнам. Наградата е индивидуална, но трудот е заеднички“, кажа Јокиќ.