МАКЕДОНСКИТЕ СКЕЈТЕРИ ВОЗЕА ВО ЧЕСТ НА МАТЕ НА СВЕТСКИОТ ДЕН НА СКЕЈТБОРДИНГОТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Македонската скејтерска заедница се собра синоќа во Градски парк за да го одбележи Меѓународниот ден на скејтбордингот (Go Skateboarding Day), што оваа година се претвори во оддавање почит на еден од нејзините омилени и најистакнати членови.

Околу 150 скејтери од разни генерации зедоа учество во настанот

Настанот беше именуван „Skate for Mate“ во чест на Филип Матески, еден од пионерите и најголеми промотори на скејтбордингот во Македонија, кој почина пред неполн месец по тешко боледување.

Настанот му беше посветен на Филип Матески-Мате, кој почина минатиот месец

„Скејтерите низ светот го слават денот со натпревари и возење низ градови. Но, оваа година изгубивме многу голем другар и скејтер Мате, па настанот го посветивме на него. Се надеваме дека ‘Skate for Mate‘ ќе прерасне во традиција и ќе го правиме секоја година како посебен настан“, вели Виктор Татевски, еден од организаторите.

Притоа беа направени скејт даски со отпечатен графит од Матески од 1990-ите, а парите од даските беа донирани на неговото семејство.

Г. КОНЕВ

Фото: С. Рајхл

Скејтерите сакаат „Skate for Mate“ да прерасне во традиционален настан