ТАЊА БАЛАЌ СЛАВИ 30 ГОДИНИ ТВОРЕШТВО СО ГОЛЕМА РЕТРОСПЕКТИВА ВО ЧИФТЕ АМАМ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Со ретроспективна изложба на слики, објекти, инсталации, видеоарт и експериментални филмови, уметницата Тања Балаќ слави 30 години творештво. Изложбата беше отворена синоќа во Националната галерија на Северна Македонија – Чифте амам.

На отворањето беше промовирана и монографијата „Tanja Balac – 30 Years – ArtWorks“ со текстови на историчарите на уметност и ликовни критичари Кирил Пенушлиски и Натали Р. Павлеска.

„И покрај тоа што нејзините слики делуваат како да се направени во еден здив, во едно застанување пред штафелајот, изразните средства на бојата и ритамот на широки потези на четката се резултат на свесен процес, што резултира со пастуозно сликана површина“, стои во монографијата во делот посветен на сликарството на Балаќ.

Фото: Д. Јагдџи

„Ова дополнително ја потврдува импресијата што ја добиваме кога првпат ќе застанеме пред сликите на Балаќ. Тоа се дела на сликар во вистинската, класична смисла на зборот. Нејзините платна имаат темпераментни потези и желба за создавање сликарски површини. Таа желба да се слика, да се твори, како и бурниот ликовен израз се сеприсутни во нејзиниот опус и не зависат од медиумот или од техниката на работа“, пишува Пенушлиски.