Четворица македонски средношколци се закитија со медал на третата Балканска олимпијада по физика, што се одржуваше од 24 септември до 2 октомври, што претставува најголем успех на младите македонски физичари досега.
Сребрен медал освоија Јан Стојановски (втора година во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје) и Мајкл Георгиевски (трета година во гимназијата „Добри Даскалов“ од Кавадарци), а бронза им припадна на Емилија Николовска (втора година во Математичко-информатичката гимназија од Скопје) и Сандра Недановска (трета година во ПСУ „Јахја Кемал“ од Скопје).
Учество зедоа 57 ученици од Македонија, Србија, Црна Гора, Грција, Кипар, Турција, Романија, Бугарија, Албанија, Молдавија, БиХ, Словенија, Туркменистан, Казахстан и Иран, а поради пандемијата, Олимпијадата се одржа на дистанца.
Локални организатори беа Друштво на физичари на Македонија и Институт за физика при Природно-математички факултет во Скопје.