Биткоинот ја губи привлечноста меѓу неговите најрани и најголеми фанови – криминалците, што предизвикува раст на други виртуелни валути. Криптовалутите како монеро, дизајнирани да се отежни нивното следење, се искачија побрзо изминативе два месеца откако безбедносните служби развија софтверски алатки да ги надгледуваат луѓето кои користат биткоин.
Неколку аналитички компании, како „Чејналисис“ стануваат сè подобри во пронаоѓањето на дигитални паричници поврзани со криминал или перење пари, алармирајќи ги берзите за криптовалути со што спречуваат конверзија во традиционални валути.
Европол уште пред три месеци предупреди дека други криптовалути, како монеро, етереум и зикеш стануваат сè попопуларни во дигиталното подземје. Хакерите во декември напаѓаа и по 190.000 вордпрес сајтови на час со цел да произведуваат монеро за нив, објави компанијата за интернет безбедност „Вордфенс“. За „рансомвер“ нападите, монеро е омилена валута на хакерите.
Вредноста на монеро се зголеми за четири пати на 349 долари во последните два месеца од 2017 година и расте побрзо од биткоин, која сè уште е највредна дигитална валута, откако порасна двојно во истиот период. Во случајот на монеро, криминалците ја користат, бидејќи технологијата на биткоинот може да се искористи против нив.