Шестото издание на меѓународниот фестивал на дебитантски филм Киненова почнува вечерва во 20 часот во киното Милениум. Стартот е со филмот „Страхиња Бановиќ“ на српскиот режисер Стефан Арсенијевиќ, кој беше победник на фестивалот во Карлови Вари. Таму го освои Кристалниот глобус, а ги доби и наградите за најдобар актер (Ибрахим Кома) и за кинематографија (Јелена Станковиќ).
Вечерва ќе биде доделена наградата за особен придонес во филмската уметност на Мето Јовановски и постхумно на легендарната актерка Сабина Ајрула-Тозија.
Киненова ќе трае до 31 октомври. Покрај филмовите од натпреварувачката програма, годинава во фокус се и филмови од Ирска, Франција и Австрија и ќе бидат прикажани филмови од „Лукс програмата“ и краткометражни македонски и странски филмови.
Проекциите се во Милениум и во Кинотеката на Северна Македонија.