Откако лани првпат свиреа заедно на фестивалот „Музика мунди“ крај Брисел, македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески овој месец ќе ја дели сцената со легендарниот руски виолинист Максим Венгеров уште трипати.
Тие ја почнаа серијата камерни концерти синоќа во лондонската сала „Барбикан“, каде што изведоа дела од Моцарт, Прокофјев, Франк и Равел.
„Нашето пријателство трае веќе неколку години. Уште пред 20 години, нашиот заеднички продуцент Џон Фрејзер ни зборуваше дека еден ден треба да се споиме на сцена. По толку долго време, на наша лична иницијатива, спонтано дојде до оваа соработка, која за мене претставува огромна чест и некаков врв во професијата, бидејќи се работи за човек кој има создадено историја на многу млади години и остава длабока трага во изведувачката уметност“, вели Трпчески.
Тие беа наградени со стоечки овации од лондонската публика, за која отсвиреа дури три биса.
Тандемот Венгеров-Трпчески на 20 јануари ќе настапи во „Карнеги хол“ во Њујорк, а седум дена подоцна и на големата сцена на Париската филхармонија.