АЛЕКСАНДАР СТОЈКОВ ЌЕ ВОЗИ ВЕЛОСИПЕД НИЗ БИВША ЈУГОСЛАВИЈА, СО ЖЕЛБА ДА ПОЧНЕ РЕГИОНАЛЕН ТУР ДЕ ФРАНС

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Александар Стојков ќе вози велосипед 2.500 километри низ поранешна Југославија, со надеж дека настанот ќе прерасне во регионална верзија на Тур де Франс/Џиро д‘Италија.

Наречена Вера тур во чест на покојната мајка на Стојков, трката ќе има 15 етапи и ќе почне на 21 март во неговиот роден град Свети Николе. Ќе поминува низ Србија, Хрватска, БиХ и Црна Гора, како и низ Албанија, а планирано е да финишира во Македонија на 5 април.

„Целта на оваа велосипедска тура е возобновување на човечките вредности, враќање на соработката, разбирањето и љубовта помеѓу народите кои живеат на овие простори. Вера тур ќе има ревијален карактер првата година, меѓутоа се надеваме дека од следната година ќе прерасне во традиционална, голема натпреварувачка трка, затоа што на овие простори нема сличен велосипедски настан“, вели Стојков.

Етапите ќе бидат долги по 170 километри, при што се планирани само два дена пауза. Стојков ќе биде единствениот учесник на првото издание на Вера тур, следен од стручен и медицински тим, а попатно, на секоја етапа ќе му се придружуваат и други велосипедисти.