Прославениот српски режисер Ѓорѓе Кадијевиќ потврди дека ќе се снима продолжението на култниот југословенски хорор филм „Пеперутка“ (Лептирица) од 1973 година. Тој беше режисер и сценарист и на оригиналниот ТВ-филм, снимен според расказ на српскиот писател Милован Глишиќ.
„Новиот филм не е римејк во вистинска смисла на зборот, туку основната идеја е дека сите нас, а особено на Балканот, низ историјата нè следи едно големо проклетство“, вели Кадијевиќ.
Филмот ќе се вика „Клетва“, а снимањето ќе почне околу Нова година и ќе биде копродукција на Србија и Хрватска.
„Пеперутка“ е еден од ретките хорори и фантастични филмови во југословенската кинематографија и предизвика голема фама во јавноста и медиумите кога излезе.