ОРИГИНАЛНАТА ПОСТАВА НА „ВЕРКА“ ЌЕ СЕ ОБЕДИНИ ЗА ВЕЧЕРАШНИОТ КОНЦЕРТ ВО МКЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Култниот македонски метал бенд „Верка“ вечерва (23:20 часот) ќе го има првиот концерт по повеќе години пауза, што ќе се случи во рамките на ПИН музичката конференција во Младински културен центар во Скопје.

Четворката од Делчево на овој начин ќе ја одбележи 20-годишнината од излегувањето на првиот албум „Џага“, кој ќе биде отсвирен во целост. Дополнителна атрактивност на концертот му дава обединувањето на оригиналната постава, што го вклучува и пејачот Никола Тричковски.

Поминаа осум години откако „Верка“ го објави својот трет и последен албум и групата не беше активна во изминатите години, додека тапанарот Влатко Нушев настапуваше низ светот со проектот „Македонисимо“ на Симон Трпчески.