Велешките академски сликари Спасе Перовски и Трајче Чатмов поставија изложба со нивни дела во Гостивар. Се претставуваат со по дваесетина дела, работени во различни техники. Изложбата е поставена во малата сала на Центарот за култура АСНОМ.
„Оваа поставка е само еден мал дел од опусот на двајцата уметници и пресек на нивното долгогодишно творење. Изложбата ја нарековме ‘Од спознанието до…‘, при што трите точки на крајот оставаат простор за различни исчитувања, како што се различни и сензибилитетот и авторскиот ракопис на двајцата уметници“, кажа Лидија Новаковска, организаторка на настанот.
Перовски и Чатмов имаат реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а ова им е прв заеднички проект. И двајцата дипломирале на Факултетот за ликовни уметности во Скопје под менторство на проф. Рубенс Корубин.
Тие посочуваат дека се одлучиле за заедничка изложба затоа што се познаваат цел живот и сакаат да ја прикажат таа нишка низ комплетната спротивност во ликовниот израз.
П. ПЕЧКОВ