БИГ БЕНДОТ НА МАКЕДОНСКИТЕ ЏЕЗЕРИ ЌЕ СВИРИ СО ТРОМБОНИСТОТ ЛУИС БОНИЉА НА СВОЈОТ НОВОГОДИШЕН КОНЦЕРТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Двократниот освојувач на Греми награда, американскиот тромбонист Луис Бониља, утревечер ќе настапи со Биг бендот на Здружението на џез музичари на неговиот новогодишен концерт во Филхармонијата (20 часот). Покрај него, гости ќе бидат и хрватскиот трубач Дарко Седак Бенчиќ и српскиот џез пијанист Бојан Цветковиќ.

„Македонија е едно невообичаено место и убаво е повторно да се биде тука. Овој концерт е важен чекор за креативноста и музиката, бидејќи во оваа држава има многу талентирани музичари“, изјави Бониља, кој првпат настапи во Македонија пред четири години.

На концертот ќе се изведат негови авторски композиции кои ја прикажуваат латино страната на џезот, а диригент ќе биде Џијан Емин.

Бониља, кој има костариканско потекло, е роден во Лос Анџелес во 1965, а на музичката сцена е присутен речиси 35 години. Во последните години живее во австрискиот град Грац.