Tанцовата компанија на Пекиншката академија за танц, утревечер во Велешкиот, а в среда во Македонскиот народен театар (МНТ), ќе ја изведе претставата „Фен Мо“ . Почетокот на двете претстави е од 20 часот.
Кинеската претстава ќе се изведе како дел од „Танц фест Скопје 2018 година“, чија уметничка директорка, кореографката Рисима Рисимкин вели дека ќе имаат претстави и настани низ целата година, со цел да се промовира современиот танц како една од примарните уметности на 21 век.
Претставата „Фен Мо“ се состои од пет слики, во неа учествуваат триесет и пет танчери, а продукцијата е на Пекиншката академија за танц, најголемата кинеска академија за танц, која ја посетуваат преку две и пол илјади студенти.
Танцот во „Фен Мо“ е инспириран од поговорката „Ако еден сликар користејќи го мастилото може да алудира на петте бои, тогаш тој ја знае есенцијата на сликањето, но никако не смее да се фокусира само на боите, бидејќи ќе се оддалечи од суштината“.
Ова мото е од книгата “Записи за сликарството од сите династии” од Јан Јуан Занг од Танг династијата (618-907).
Во најавата за оваа танцова претстава пишува дека кореографот низ движењата на танчерите пробува да ја оживее уникатната естетска форма на кинеското сликарство.
„Начинот на кој што мастилото се соединува со оризовата хартија а воедно и неговото разградување во различни нијанси на светло и темно, мокро или суво, пригушено и интензивно, е ист со движењето на телото на танчерот: вдишувањето и издишувањето, во движење или мирно, брзо или споро, качувајќи се или паѓајќи.
Во кореографијата се користат традиционални кинески елементи како ’здив’, ’штаки’, ’коса’, ’ракави’, ’меч’, ’лепеза’, ’чадор’ и ’фустан’ за да се пренесат чувства на пријателство, тага, огорченост, навреда, опуштеност и љубов во кинескиот спиритуален свет, во кои е содржана есенцијата на кинеската класичност“, велат од “Танц фест Скопје’.
Компанијата е на европска турнеја, за гостувањето во Македонија организатор е „Интерарт културниот центар“, во соработка со амбасадата на Народна Република Кина во Македонија
П.ПЕЧКОВ