Деветнаесеттото издание на Танц фест Скопје почнува вечерва во 20 часот во Македонскиот народен театар (МНТ) под мотото „Танцувајќи создаваме иднина!“.
На отворањето ќе бидат доделени наградите Менада за поддршка на современиот танц. Годинашните добитници се Универзитетот Кодартс во Ротердам, со чија поддршка беше основана првата едукативна програма за современ танц на универзитетско ниво во земјава и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде што во 2017 се вдоми Катедрата за современ танц.
Потоа ќе се изведе претставата „Таленти во движење“ на Кодартс танцовата компанија, во чест на 30 години дипломатски односи помеѓу Холандија и Македонија. Претставата е составена од повеќе кореографии од осуммина истакнати светски кореографи.
„Со настапот на интернационалниот состав од 18 танчари ќе можеме да уживаме во извонредните техника, софистицираност и експресивност што оваа претстава ги нуди, низ пејзажи на емотивен набој и креација“, најавува Рисима Рисимкин, уметничка директорка на фестивалот.