СО ТРИОТО ОДИМЕ НАВЕЖБАНИ И ДОБРО ПОДМАЧКАНИ, ВЕЛИ ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ ПРЕД НАСТАПОТ НА ЏЕЗ ФЕСТИВАЛОТ ВО ШТИП

Штип, (СМАРТ СДК.МК)

„Влатко Стефановски трио“, „Гоце Стевковски квинтет“, „Скопје џез инк“ и студенти од Џез академијата во Штип утревечер ќе настапат на 11. издание на Астибо џез фест, кој ќе се одржи во Штип на летната сцена на Домот на млади.

Влатко Стефановски, Иван Кукиќ и Јан Стефановски со голем ентузијазам се подготвувале за концертот во Штип (Фото: приватна архива)

Стефановски вели дека тој и неговите колеги со голем ентузијазам се подготвувале за концерот, а за Штип ги врзуваат убави спомени.

„По серијата концерти во регионот, со голем ентузијазам ќе свириме во Штип. Триото е одлично навежбано и убаво подмачкано“, ни изјави Стефановски.

Познатиот гитарист ни кажа дека концертот ќе биде патување низ сите 50 години од неговата кариера, со репертоар со најпознатите композиции.

„За Штип ме врзуваат посебни спомени, таму имам служено војска. Но, не сум само јас поврзан со Штип, туку и мојот син Јан, кој студира на Џез академијата“, ни изјави Влатко.

Неговиот син во триото свири тапани, а Иван Кукиќ бас гитара.

Гоце Стевковски ќе настапи со својот квинтет (Фото: Фејсбук)

Фестивалот почнува во 20 часот со настапот на дипломците од Џез академијата, потоа следи групата „Скопје џез инк“. По нив е квинтетот на Гоце Стевковски и на крајот настапува Влатко Стефановски со триото.

Билетите се продаваат по цена од 400 денари онлајн, а пред самиот настан, на билетарницата на Домот на млади ќе чинат 500 денари.

М. ЏАРОВСКА