ПРОМОЦИЈА НА КНИГА СО РАЗГОВОРИ ПОМЕЃУ ПИСАТЕЛИТЕ УРОШЕВИЌ И ЈАНКОВСКИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Книгата „Кабинет на чуда со ѕидови од огледала“, која ги содржи разговорите што академик Влада Урошевиќ и писателот Владимир Јанковски ги воделе дваесетина години, ќе биде промовирана вечерва во 19:30 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје. Промоторка ќе биде писателката и книжевна критичарка Оливера Ќорвезироска, а издавач е „Антолог“.

Првиот дел од книгата „Огледало за загатката“ опфаќа дијалози водени во 2002 и 2003 година, вториот дел претставува еден подолг разговор од 2015, а последниот дел „Кабинет на чуда“, содржи разговори од оваа година.

„’Кабинет на чуда со ѕидови од огледала’ е книга во која преку прашањата што Јанковски му ги поставува, Урошевиќ нуди еден вид авторефлексија за сопственото творештво, некои аспекти од својот живот и за феномените од македонската литература и, воопшто, култура. Исто така, Урошевиќ ги дава своите перспективи за широк спектар културолошки појави, како францускиот надреализам, фантастиката во литературата и сликарството, источните филозофии и култури, преклопувањата и дијалозите помеѓу навидум оддалечени култури и значењето на археологијата во обликувањето на свеста за нашата цивилизација. Бидејќи ова, пред сè, е книга за еден живот, сите споменати културолошки аспекти на еден посебен начин се ‘прекршени’ преку личноста и делото на Урошевиќ, преку неговите гледна точка и животен пат“, вели издавачот.

(Фото: К. Попов)