Денеска на дигиталните музички платформи и Јутјуб излезе новата песна на Калиопи, „Кога ќе осамне“ (Кад осване). Автор на песната е долгогодишниот соработник на Калиопи и нејзин поранешен сопруг, композиторот Ромео Грил.
„Песната никого нема да остави рамнодушен. Тоа е песна која буди од длабок сон, раздвижува и ја враќа надежта за подобри денови. Кога ја слушнав првпат, бев пресреќна што добив ваква песна. Ромео и овојпат се надмина себеси, а тоа му успева речиси 40 години, колку што соработуваме“, изјави Калиопи.
Таа е среќна што за неполни пет месеци доби две нови песни, дуетската „Знам“ со нејзиниот пријател Жељко Самарџиќ и новата од Ромео Грил.
„Песната со Жељко веќе се врежа во срцата на публиката, а длабоко верувам дека и ‘Кога ќе осамне’ ќе биде песна за која ќе се зборува и која многу ќе се пее“, додава Калиопи.
На 23 октомври таа ќе одржи концерт во Сараево во Дом на млади, а на 4 ноември е закажан концерт во Белград во салата „МТС“. Калиопи ќе одржи концерти и во Зеница и Грачаница.