Повеќе од 50 години по распадот на групата, следниот месец ќе биде објавена последната песна на „Битлс“. Насловена „Некогаш и сега“ (Now And Then), таа е заснована врз демо снимено од Џон Ленон во 1970, а беше довршена минатата година од Пол Макартни и Ринго Стар.
Макартни ја најави песната во интервју за Би-Би-Си летоска, појаснувајќи дека со помош на вештачката интелигенција бил извлечен гласот на Ленон од стара касета.
Песната и официјално ќе биде промовирана на 2 ноември во 16 часот. Макартни и Стар велат дека нејзиното комплетирање било надреално искуство.
„И тука беше гласот на Џон, кристално чист. Беше доста емотивно. Ние свиревме врз неговиот глас и добивме вистинска песна на ‘Битлс‘. Беше навистина возбудливо да се работи на музика на ‘Битлс‘ во 2023 и да се објави песна што јавноста досега не ја слушнала“, кажаа Макартни и Стар.
Ленон ја напишал песната во 1970 по распадот на „Битлс“ и таа со години циркулираше како нелегално издание.
(Фото: Гети)