„Бизнисот на задоволството“, дебито на Гоце Цветановски, освои награда за најдобра камера на фестивалот ДЕА во Тирана. Наградата ја доби директорот на фотографија Фејми Даут.
Ова е петта награда за филмот, по оние во Бугарија, Перу, Панама и Романија, соопшти режисерот Цветановски и најави дека ќе игра на уште седум фестивали, во Канада, САД, Африка, Боливија, Аргентина и Шпанија.
Филмот, по сценарио на Цветановски, е политички трилер во кој новинарка, опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, подготвува тајна операција со цел да разоткрие мрежа на трговија со жени. Играат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска.
Продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски, со поддршка на македонската Агенција за филм.
Фестивалската премиера во земјава беше летоска на Синедејс во Скопје, а Цветановски вели дека дополнително ќе биде објавено кога ќе почне кинодистрибуција.
(Фото: Продукција на филмот)