На 16 ноември во Струга ќе се прикаже првиот долгометражен документарен филм за Блаже Конески, „Јанѕа“ од документаристот Никола Т. Калајџиски, снимен според мотиви од „Дневник по многу години“ на Конески. Филмот е подготвен во продукција на „Контраст филм“, а продуцент е Златко Димески.
Премиерата во Скопје беше во април годинава. Во Струга ќе игра на 16 (18 часот) и 17 ноември (19 часот) во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Монтажата е на Аристид Филактов, композитор на музиката е Златан Миливоевиќ, дизајнер на звук е Дарко Спасовски, а како директори на фотографија се јавуваат Дејан Димески и Петар Кочишки.
Калајџиски вели дека филмот е подготвуван и сниман во период од три години и ги следи животот и делото на професорот, академик, поет и еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик Блаже Конески. Тој работел со екипа од 25 советници, како академици, научници и професори.
„Ова е филм за сите наши биднини и небиднини, за сите јанѕи и надежи на македонскиот народ“, рече Калајџиски на прес-конференцијата на 18 април.
До крајот на годината следуваат проекции на филмот во Штип на 28 ноември и во Прилеп на 13 декември.