СЕМЕЈСТВОТО НА ЗАФИР ХАЏИМАНОВ ЌЕ ПЕЕ ВО НЕГОВА ЧЕСТ НА КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

На 17 декември од 20 часот, во Филхармонијата ќе се одржи концерт за легендарниот пејач, композитор, поет и глумец Зафир Хаџиманов.

Во чест на Хаџиманов, кој почина од ковид на 27 март 2021, ќе свират и пеат неговите најблиски: синот Васил Хаџиманов со својот бенд, внука му Марта Хаџиманов, која е оперска пејачка и легендарната Бисера Велетанлиќ, сестра на неговата сопруга Сенка. Марта Хаџиманов студира оперско пеење во Манхајм, Германија, а на 25 ноември ќе настапи со Берлинскиот камерен оркестар во Филхармонијата во Берлин.

На концертот, по долго време пред домашната публика ќе пее Калиопи, која беше пријателка со Зафир Хаџиманов.

Режисерот и актер Коле Ангеловски е најавен како дел од гостите, како и актерот Никола Ристановски, музичарот Сашо Гигов-Гиш и џез пејачот од Белград, Виктор Тумбас.

Концертот е последниот настан од проектот „Месец на 30 години Авалон продукција”. Од „Авалон“ велат дека Васил Хаџиманов со задоволство прифатил да биде дел од концертот кој ќе го слави животот на татко му.

Влезниците ќе бидат пуштени во продажба утре (24 ноември) онлајн преку ticketx.mk и нивната продажна мрежа низ Македонија по цени од 1.500 и 2.000 денари. Организаторите велат дека овој концерт е единствен и ќе нема втор.

(Фото: На концертот ќе пее и внуката на Зафир Хаџиманов, Марта, која е оперска и џез пејачка)