Благоја Чоревски ќе ја игра главната улога во претставата „Среќен мртовец“, вечерва (сабота) во Дом на АРМ во Скопје од 20 часот. Автор на претставата е Марјан Анѓеловски, а играат и: Ирена Илиевска, Марија Лазарова, Ивана Стамевска, Огнен Велевски и Јасмин Рамани.
Актерот вели дека веднаш ја прифатил идејата и поканата на авторот и оти содржината на претставата не може да ја поврзе со онаа во култниот филм „Викенд на мртовци“ каде што играше и тој.
„Јас го играм Живко, ‘живиот мртовец’, за кого на семејството ќе му јават дека е починат, а тој е всушност жив. Тука започнува нивната голгота, трчање од шалтер на шалтер за вадење документи. Темата на претставата не е слична со филмот ‘Викенд на мртовци’. Приказната е идеална за денешно време, кога по една година чекаме за да извадиме нови лични документи“, ни изјави Чоревски.
Актерот вели дека е среќен што на 76 години е театарски активен. „Среќен мртовец“ ќе игра и во Штип во Домот на културата на 8 декември.
Претставата е во продукција на алтернативниот театар „Отпишани“ од Скопје. Чоревски вели оти е можно да има уште една претстава во Скопје.
М. ЏАРОВСКА