ВО ЕГИПЕТ ОТКРИЕН НОВ ВИД ДИНОСАУРУС СО ГОЛЕМИНА НА ГРАДСКИ АВТОБУС

Каиро, (АП)

Скелет беше ископан во Западната Пустина во Египет, но за разлика од повеќето претходни откритија, тоа не беше мумија, туку диносаурус.

Истражувачите од универзитетот Мансура во делтата на Нил открија нов вид на тревопасен диносаурус со долг врат и со големина на градски автобус и ова би можел да биде само почеток.

„Како и во секој екосистем, ако одиме во џунгла, ќе пронајдеме лав и жирафа. Ја најдовме жирафата, каде е лавот?“, вели професорот Хешам Салам, водачот на египетско-американскиот истражувачки тим.

Експертите велат дека ова откритие може да фрли ново светло врз помалку познат период од историјата на африканскиот континент, 30 милиони години пред исчезнувањето на диносаурусите.

Наречен мансурасаурус, според името на универзитетот, ова е единствениот диносаурус од овој период пронајден во Африка. Неговите фосилизирани остатоци укажуваат на анатомија која не се разликува многу од диносаурусите од истиот период пронајдени во Европа, што навестува дека, можеби, постоела копнена врска помеѓу Африка и Европа.