Актерот Ѓокица Лукаревски, кој е официјално пензионер од 2018 година, вели дека никогаш нема да се повлече од глумата и додека може, би сакал да биде активен во театарот. Сношти во Филхармонијата, Лукаревски од претседателот Стево Пендаровски доби Орден за заслуги, заедно со Бедија Беговска, Благоја Чоревски, Оливера Николова, Рефет Абази, Ристо Вртев и Слободан Унковски.
„За еден актер не е тешко да се пензонира, но жално е ако го нема на сцена, ако не го канат. Ако го поканат, ќе биде секогаш подготвен да игра на сцената. Мене сега потешко ме канат, и покрај тоа што имам една претстава во Драмски театар, само таа ја играм. Тешко соработувам со која било театарска куќа и со кој било режисер затоа што едноставно те отпишуваат од некаква активност, нешто кое не знам како да го оправдам“, ни изјави Лукаревски по церемонијата на доделувањето на ордените.
Актерот вели дека најмногу би сакал да го паметат и зборат по она што го направил како резултат на долгогодишната работа.
„Најповеќе сакам да ме паметат по оној лик од ‘Женски оркестар’, Мендолина, мислам дека тоа е останато дури и кај децата. Децата го паметат тој лик и го играат во дадени прилики“.
Лукаревски се присети и на неговиот колега и пријател Димче Мешковски, кој почина минатата година.
„Се сеќавам на нашите естрадни настапи и многу ми е жал што вечерва не е меѓу нас. Меѓутоа, животот е многу суров и треба да се адаптираме на условите кои ни ги нуди животот“.
Доајенот на македонското глумиште, препознатлив актер од голем број филмови, претстави, ТВ-драми, ТВ-емисии и радиоемисијата „Хихирику“, во 2020 ја доби наградата за животно дело „Анче Џамбазова“, која се доделува на Фестивалот на комедија „Гола месечина“ во Скопје.
На 29 април, тој ќе наполни 73 години, а на овој ден пред шест години официјално замина во пензија. Лукаревски тогаш прослави јубилеј 40 години активно играње на сцената и овие два повода ги спои во претставата „Партија реми“, која премиерно се изведе на 20 април 2018 во неговиот матичен Драмски театар.
М. ЏАРОВСКА
Фото: Ѓ. ЛИЧОВСКИ